Член 7
Во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон.
Во единиците на локалната самоуправа во кои како значителен број живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите, под услови и на начин утврдени со закон.
Член 8
Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се:
- основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот;
- слободното изразување на националната припадност;
- владеењето на правото;
- поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска;
- политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори;
- правната заштита на сопственоста;
- слободата на пазарот и претприемништвото;
- хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
- локалната самоуправа;
- уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и
- почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането.
|