Почетна
Човекови Права
Мир
Форум
Форум
Фото Галерија
Книга на Гости
Chat
Извори

За Нас

<


1. Граѓански и политички слободи и права

Пратено од Елена Георгиевска на 06 Март 2005 @ 15:35 Print the page

Член 9

Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Член 19

Се гарантира слободата на вероисповеста.

Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.

Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.

Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

 

Член 48

Припадниците на националностите имаат право слободно да ги изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и националните особености.

Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на националностите.

Припадниците на националностите имаат право да основаат културни и уметнички институции, научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет.

Припадниците на националностите имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на јазикот на националноста се изучува и македонскиот јазик.

 

Член 54

Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈАБрој 08-4642/117 ноември 1991 година Скопје http://www.minelres.lv/NationalLegislation/Macedonia/macedonia.htm

4. Основи на економските односи

Пратено од Елена Георгиевска на 06 Март 2005 @ 15:35 Print the page

Член 56

Сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Републиката гарантира заштита, унапредување и збогатување на историското и уметничкото богатство на македонскиот народ и на националностите, како и на добрата кои го сочинуваат без оглед на нивниот правен режим.

Со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

 

Член 69

Собранието може да работи ако на седницата присуствува мнозинството од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.

Член 70

Седниците на Собранието се јавни.

Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

 

Член 77

Собранието избира народен правобранител.

Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања.

Народниот правобранител се избира за време од осум години, со право на уште еден избор.

Условите на избор и разрешување, надлежноста и начинот на работата на народниот правобранител се уредуваат со закон.

 

Член 78

Собранието основа Совет за меѓунационални односи.

Советот го сочинуваат: претседателот на Собранието и по двајца членови Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми и двајца членови од другите националности во Македонија.

Претседателот на Собранието е претседател на Советот.

Собранието ги избира членовите на Советот.

Советот ги разгледува прашањата од меѓунационалните односи во Републиката и дава мислење и предлози за нивно решавање.

Собранието е должно да ги разгледа мислењата и предлозите на Советот и да донесе одлука во врска со нив.

 

Член 86

Претседателот на Републиката е претседател на Советот за безбедност на Република Македонија.

Советот за безбедност на Републиката го сочинуваат: претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, министрите кои раководат со органите на државната управа во областите на безбедноста, одбраната и надворешните работи и тројца членови кои ги именува претседателот на Републиката.

Советот ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и Владата.

 

Член 104

Републичкиот судски совет го сочинуваат седум членови.

Собранието ги избира членовите на Советот.

Членовите на Советот се избираат од редот на истакнати правници за време од шест години, со право на уште еден избор.

Членовите на Републичкиот судски совет уживаат имунитет. За нивниот имунитет одлучува Собранието.

Функцијата член на Републичкиот судски совет е неспојлива со вршење на други јавни функции и професии или со членување во политички партии.

 

Член 109

Уставниот суд го сочинуваат девет судии.

Собранието ги избира судиите на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор.

Уставниот суд избира претседател од своите редови за време од три години и без право на повторен избор.

Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.

 

Член 110

Уставниот суд на Република Македонија:

- одлучува за согласноста на законите со Уставот;

- одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите;

- ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност;

- решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт;

- решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа;

- одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката;

- одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните и

- одлучува и за други прашања утврдени со Уставот.

 

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈАБрој 08-4642/117 ноември 1991 година Скопје http://www.minelres.lv/NationalLegislation/Macedonia/macedonia.htm

 

Mail

Изберете јазик за приказот

МакедонскиАнглиски

 

Up | Search | Sitemap | Visitors | Web master | Homepage